Kај ќе завршат 45-те милиони евра за „фабриката за електровозила“ во Тетово, што ќе се изгради на „куково лето“?

Kај ќе завршат 45-те милиони евра за „фабриката за електровозила“ во Тетово, што ќе се изгради на „куково лето“?

„Кај ветената фабрика за производство на електрични автомобили во Тетово веќе пет месеци остана само камен-темелникот.“ – се вели во статијата со наслов „Фабриката за електрични возила во Тетово вози рикверц?“. Инаку, покрај оваа статија на ТВ Алсат, исто така и специјализираниот портал Автомедија имаше претходно објавено во својата анализа со наслов “ Тетовски автомобили со бугарски таблици на струја од јаглен“ дека целата идеја на оваа „инвестиција“ во Македонија на една пропадната компанија е да се украдат пари од државниот буџет за фабриката, што никогаш нема да се изгради.

Во својата статија ТВ Алсат пишува: Иако беше планирано во рок од осум недели да почнат работите за нејзина изградба, од 13 август освен лопатите на претседателот на Собранието, премиерот, министрите, директорите и партиските лидери, на парцелата за „Е-Go“ во технолошко-индустриската развојна зона во Тетово нема други машини. На годишнината од Охридскиот рамковен договор, целата влада и претседателството на ДУИ, се собраа на свеченоста за фабриката, во која државата е партнер во проектот и мора да обезбеди 33 отсто од вредноста на инвестицијата или околу 45 милиони евра. Но, од власта гарантираат дека постојат заштитни мерки, за да се осигураат дека парите од буџетот наменети за инвестиции во германската фабрика, нема да пропаднат.

„Дали таа индустрија има перспектива на светскиот пазар? Да. Дали е еколошки одржлив? Да. Дали ќе создаде нова перспектива за младите? Да.“, изјави во август лани министерот за финансии Фатмир Бесими. Иако трипати беа прекршени роковите за старт на изградбата, од Дирекцијата за ТИРЗ и натаму тврдат дека сè се одвива според планот и оти наскоро ќе почне изградбата на фабриката. Велат дека ангажирале надворешни ревизори за да ја следат динамиката.

И покрај помпезноста на власта во однос на германската компанија „Е-Go“, ниту Министерството за економија не посочува кога се очекува фабриката да биде изградена. Очекувањата беа дека за година и пол ќе биде пуштена во употреба. „Бидејќи се работи за голем објект, беа споени 4 постоечки парцели на подрачјето на Тетово. Процедурите се завршени, одобрена е градежна дозвола каде што може да започнат градежните активности“, велат од Министерство за економија.

Инаку, компанијата не ужива углед на важен производител на електрични автомобили на светскиот пазар. Кај нас беше најавена како голема фабрика, но на веб-страницата на самата фирма „Е-Go“ е опишана како микро-фабрика во Македонија.