Расте бројот на загинати во судирот меѓу Киргистан и Таџикистан, Путин повикува на мир

Расте бројот на загинати во судирот меѓу Киргистан и Таџикистан, Путин повикува на мир

Рускиот претседател ги повика двете страни да спречат понатамошна ескалација на конфликтот и што е можно поскоро да преземат мерки кои ќе доведат до решение на ситуацијата исклучиво преку мирни, политички и дипломатски средства.

Путин ја потврди подготвеноста на Русија, сојузник на двете земји, да ја обезбеди потребната помош за да се обезбеди стабилност во пограничната област на Киргистан и Таџикистан.

Двете земји денеска објавија дека бројот на загинати во нивниот пограничен конфликт е зголемен на 71 лице. Во исто време, кревкиот прекин на огнот меѓу двете централноазиски народи е на сила веќе втор ден.

Во соопштението за печат, киргистанското Министерство за здравство објави дека уште 12 лица починале во регионот Баткен, кој се наоѓа на југозапад од Киргистан и се граничи со Таџикистан. Претходните податоци зборуваа за 24 загинати лица.

Таџикистан денеска објави и нови жртви, објавувајќи дека се убиени 35 лица. Нема информации за масовни евакуации на жителите од тој реон.

Двете поранешни советски републики се судрија на нивните граници оваа недела, обвинувајќи се меѓусебно дека користеле тенкови, минофрлачи, ракетна артилерија и беспилотни летала во нападите врз пограничните населби.

Проблемите поврзани со границите во земјите од Централна Азија главно датираат од советската ера кога Москва се обиде да го подели регионот помеѓу групи чии населби често се наоѓаа меѓу оние на другите етнички групи.

Двете страни се согласија на прекин на огнот што стапи на сила во петокот и во голема мера се одржува и покрај неколкуте пријавени гранатирања. Двете земји имаат руски воени бази и одржуваат блиски односи со Москва, која претходно во петокот ги повика двете страни да ги прекинат непријателствата.